Почина великанот на македонскиот стрип и анимиран филм Дарко Марковиќ
— 10 јуни, 2016По долго и тешко боледување, ноќеска во 76 година од животот почина Дарко Марковиќ, легенда на македонската карикатура, сатиричар, филмски режисер и прв директор на телевизија Телма, при нејзиното формирање 1996 година.
Дарко Марковиќ остави зад себе богато творештво како аниматор, стрип цртач, илустратор, дизајнер,сценарист и сценограф, а најширока популарност во земјава постигна како Дар-Мар, потпишувајќи зад стрип серијалот „ Пецко“, кој од 1979 година излегува во дневниот печат, а еден период и на А1 телевизија , критикувајќи ја нашата актуелна стварност.
Марковиќ дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје, 1966 година, а во 1972 специјализирал анимиран филм во Загреб. Професионалната кариера како карикатурист ја започнал 1960 година, работејќи за повеќе весници и списанија во Македонија и во поранешна Југославија. Од 1966 до 1975 година бил главен уредник на хумористично-сатиричното списание „Остен“ и директор на Светската галерија на карикатури во Скопје. Неговата филмска кариера почнала 1975, по вработувањето во „Вардар филм“, каде го отвори студиото за анимации. Потоа е назначен и за професор на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, по предметот анимиран филм. Во истиот период работел како главен уредник на Културно-уметничката програма во Телевизија Скопје. Од 1988 до 1995 година со семејството живеел и работел во Лондон, по што се враќа во Македонија. Негови познати анимирани филмови се: „Граница“, „Стоп“, „Три минути на светот на Мирослав Бартак“ , „Бело топче“ , „Циркус“ и други, а автор е и на биографскиот роман „ Лична карта“. За своите карикатури и анимирани филмови, Дарко Марковиќ освоил над триесет високи награди и признанија. Посмртните останки на легендата на македонската карикатура ќе бидат погребани во понеделник на пладне , на градските гробишта Бутел. Сега кога повеќе неговата даровитост ја нема, прашање е кој така луцидно, духовито и шармантно , ќе ни ја претставува горчината на животот?
Интервју со популарниот карикатурист Дарко Марковиќ, направено од страна на новинарката Александра Бубевска во февруари, 2014 година. Дарко Марковиќ зборува за своите искуства за земјотресот, за учеството во бригадата која ги ископувала жртвите, за промените и условите за живот по катастрофата , за културата и културната политика во периодот на неговата младост и за драстичните промени во општеството кој настанаа како резултат на проектот Скопје 2014.