Македонската музика претставена на Саемот МИДЕМ во Кан
— 7 јуни, 2016Македонија со свој павилјон и под уставното име беше излагач на 50. Саем на музиката МИДЕМ кој од 2 до 6 јуни се одржа во Кан, Франција.
Оваа година мотото на македонската презентација беше „Вкусете ја музиката од Македонија“, соопшти продуцентската куќа „Трето уво“ која го организира нашето претставување на најголемиот и најзначаен саем на музиката во светот.
– Промовирани беа сите жанрови во македонското музичко творештво преку презентација на нашите најпопуларни изведувачи, музичари, композитори, национални музички институции, рекорд-компании, музички фестивали и асоцијации итн. Презентацијата беше дизајнирана и спакувана на промотивен материјал, печатен и во електронска форма, како и специјално изготвена апликација само за оваа пригода – соопшти организаторот на македонскиот штанд „Трето уво“, кој од домаќинот на МИДЕМ добил специјална плакета за повеќегодишната континуирана афирмација и промоција на македонската музика на престижниот музички саем.
Учеството на Македонија на МИДЕМ беше поддржано од Министерството за култура на Република Македонија.
Саемот се одржа во „Palais des Festivalas“ и го посетија гости од 75 држави од целиот свет. Беше организиран на 35 национални павилјони со 694 изложувачи. За времетраењето на Саемот, паралелно се одржаа 93 конференции посветени на новите платформи, алатки и стратегии за поефикасна заштита на авторите, изведувачите и останати чинители во музичката индустрија.