Новата археолошка карта ќе биде комбинирана со ГИС технологијата
— 5 март, 2016Проф. д-р Виктор Лилчиќ-Адамс, директор на Управата за заштита на културното наследство на Република Македонија е познат и признат археолог, ценет од своите колеги и студенти интервјуто за Историски зборува за состојбата на археологијата во нашата земја
Професоре Лилчиќ, археологијата во Македонија како да доживува вистинска ренесанса последниве години. Постојано слушаме за нови истражувања, нови откритија, при што имам впечаток дека особено внимание се посветува на раната антика. Кои се критериумите според кои се одлучува на кои археолошки локалитети или период ќе се стави акцент за истражување?
Да македонската археологија речиси една деценија доживува вистинска ренесанса, затоа што ова е првата Влада која е свесна за потребата на активирањето на енормно богатите археолошки ресурси во развојот на Република Македонија.
Ако подобро погледнете ќе видите дека не е исклучиво раната антика најфорсираната. Да ве потсетам само на Проектите во кои ги третираме моќните градови од раноримскиот период, Скупи, Стоби, Хераклеја, Стибера, Лихнид, Баргала како доцноантички град и т.н.
Селектирањето археолошки локалитет за ставање во категоријата капитален проект на Владата на Република Македонија се базира врз цивилизациската димензија на локалитетот, богатството на културните хоризонти, местоположбата на позначајните патни правци и други фактори.
Големо внимание предизвикува проектот ‘Археолошки катастар’ според кој ќе се направи регистар на сите археолошки локалитети во државата. Како „Археолошкиот катастар“ ќе им ја олесни работата на археолозите и дали податоците од овој регистар ќе бидат достапни за јавност?
Проектот Археолошки катастар претставува голем чекор напред на целото македонско општество. Археолозите успеаја да создадат сериозна археолошка карта во организација на Македонската академија на науките и уметностите, публикувана 1996 година. Поминаа близу две децении. Продолжуваме но сега на повисоко методолошко рамниште. Новата археолошка карта ќе биде комбинирана со ГИС технологијата, комплетирана со катастарската подлога која е веќе изработена од страна на Агенцијата за катастар на недвижности. Во моментов работиме на софтверското и хардверското решение, како и на снабдување на прецизни опфати на зоните на археолошките локалитети со цивилизациска категорија. Во Република Македонија имаме околу 900-1000 древни градови и тврдини. Токму тие ќе бидат први внесени во дигиталната база. Внесувањето ќе започне во текот на 2016 година. Податоците на дигиталниот археолошки катастар на Република Македонија ќе бидат делумно достапни за јавноста. Се работи за ресурси кои сеуште не се докрај осознаени и испитани. Тоа е процес да речеме сличен на рудните или пак други ресурси. Податоците од оваа дигитална база ќе значат нова ера во управувањето со овој значаен дел од македонското културно наследство за најразлични потреби. Во туризмот, во планирањето на просторот при изградби на најразлични видови објекти, патишта, антени, водови и т.н., во доделувањето концесии за користење на разни видови суровини и т.н. Значајно притоа е дека сите чинители во реализациите на наведените активности ќе бидат информирани од страна на соодветните министерства, за постоењето на археолошко добро, за да мораат да се коригираат или адаптираат во изградбата
Минатата година на јавноста и’ го презентиравте своето истражување за патот по кој Александар III Македонски минал низ Македонија, враќајќи се од Дунавската кампања во 335 г.пне., истражување на кое сте работеле со децении и кое резултираше со еден прекрасен документарен серијал. Во која насока ќе продолжат да се движат вашите истражувања? Кои се вашите истражувачки планови за во иднина?
Секако, јас не продавам ветер и магла туку реални резултати од напорните археолошки истражувања во Република Македонија. А маршот на Александар Македонски низ територијата на Република Македонија од 335 година пред н.е. бил реалност која што не само жителите на Македонија туку и на светот заслужуваат да ја дознаат и видат.
Со децении ги истражував старите градови и тврдини од сите периоди на подрачјето на Република Македонија и овие години сум во финишот. Преостанаа уште некои 50тина непосетени. Меѓутоа со оглед на фактот дека само оваа година откривме три досега непознати фортификации од раната антика покрај Брегалница, претпоставувам дека бројката од 900 фортифицирани пунктови ке премине над 1000 во иднина.
Започнав како истражувач на доцноантичките фортификации но со текот на времето ме привлекоа раноантичките утврдувања, при што се сконцентрирав на потрагата на главните градови на раноантичките кралства на територијата на Република Македонија, Линк, Пелагонија, Пајонија.
Планирам оваа есен со режисерите Иван Чунихин и Елена Левеска повторно да снимиме еден серијал од околу 5 епизоди поврзан со војувањето на македонскиот крал Филип V и неговиот син Персеј во Пелагонија.
Со се’ полесниот пристап до информации, интересот на јавноста за археологијата е се’ поголем. Но, може да се забележи дека тој интерес е злоупотребен од поединци кои се обидуваат да наметнат сензационалистички теории кои немаат никаква научна основа. Како да и’ се објасни на јавноста што е археологија, а што псевдо-археологија?
Да ова е голем проблем во современото македонско живеење. Република Македонија постана независна така што од 1992 година нарасна патриотизмот и се случува националното будење на Македонскиот народ. Притоа се појавија луѓе таканаречени романтичари, луѓе со дијаметрално спротивни професии од археологијата и историјата. Тие си дозволија, измислувајки нови непостоечки дисциплини, или пак со погрешни интерпретации на конкретни локалитети, да го “едуцираат” Македонскиот народ се во насоката на подигањето на патриотизмот. Тоа е како што велите псевдоархеологија. Но тоа е во моментов и одличен материјал за младите но и сите археолози, историчари, историчари на уметност да се нафатат во костец со предизвикот. Во Република Македонија постоеле кнезови и василевси – кралови. Но немало фараони. Па така не биле изградени ниту пирамидите. Во Република Македонија нема пирамиди. Или примерот со таканаречениот геоглиф кај Свети Николе, го решивме за два дена. Некои српски војници во Првата светска војна ископале елипсоидна рововска формација и пукале со француска муниција. Толку.
Во Преспанскиот регион се регистрирани 130 археолошки локалитети, на дел од нив се вршени и истражувања, како неолитската Кременица, бронзенодопскиот локалитет Св. Недела и секако децениски истражуваниот Голем Град со остатоци од повеќе периоди. Тука минувал Виа Егнатиа, тука бил и центарот на Самоиловото Царство. И покрај тоа што се работи за културно богат туристички регион, сепак, туристите неможат да се запознаат со археолошкото и културно-историското наследство на Преспа поради тоа што не постои функционална установа-музеј која ќе го презентира тоа наследство. Дали Управата за заштита на културното наследство го има разгледано овој проблем и дали има некакво решение на повидок, со оглед што Ресен веќе има репрезентативен објект за оваа намена – ресенскиот Сарај?
Ресенскиот регион се наоѓа на патната магистрала од Пелагонија кон Охрид така што низ него патуваат стотици илјади туристи. Ова е погодност која што треба да се искористи.
Егнатискиот пат е само еден момент. Најпогодни за користење се дистанците од Петринска Кула надолу преку Петрино до Катуниште. Исто и од Петринска Кула надолу преку Кале Евла до Евла. Исто и од Макази нагоре по стариот пат до превојот Ѓавато.
Сите стари тврдини во Ресенско ги истражував, документирав и во моментов се публикувани во мојата статија во монографскиот зборник во организација на академик Вера Битракова Грозданова, Голем Град II, што имаше промоција на 04. 08. 2015, но ке биде повторно промовиран есенва. Академик Битракова во нејзината монографија Голем Град I ги публикуваше прекрасните резултати од повеќедецениските истражувања на овој прекрасен остров – град извонредно податлив за вклопување во ресенската туристичка понуда.
Посебен впечаток ми оставија рановизантиските тврдини Кале над село Шурленци и Маркова Кула село Подмочани. Но и Кулиште Пирк кај Сирхан, Кале Евла, Петринска Кула, Кулиште Курбиново.
Ресен има прекрасни услови за истражувања и јавна презентација на културното богатство, што спаѓа сепак во ресорот на Министерството за култура на Република Македонија која што константно го подржува но и во рамките на активностите на локалната заедница. Многу е важно притоа да се активираат млади археолози во самиот Ресен што значи да се има сопствена двигателна сила за промоција на Ресенското културно и археолошко богатство.
За крај, кои се плановите на Управата за заштита на културното наследство за наредниов период и каде ја гледате македонската археологија во годините што следуваат?
Управата за заштита на културното наследство се занимава со координација и регулирањето на законските акти во заштитата на неколкуте видови културни наследства не само археолошкото (недвижното и движното). Тука спаѓа архитектонското, уметничкото, нематеријалното наследство и т.н. Управата покрај тоа што работи на стотици предмети што секојдневно пристигаат, повеќе години успешно го спроведува Проектот Капитални проекти на Владата на Република Македонија во археологијата.
Меѓутоа, на ред е најзначајниот Проект од почетокот на археолошката наука во Република Македонија, проектот Археолошки катастар, со чија што реализација сме обврзани со Законот за заштита на културното наследство.
Македонската археологија во моментов ја има и третата и четвртата генерација археолози што звучи мошне надежно. Република Македонија поседува не 5000 туку неколку десетини илјади археолошки локалитети. За изминатите 100 години многу се копаше но тоа се најмногу некои 5 % од она што ни оставиле нашите предци. Тоа значи дека не чека огромна и напорна работа. Големите откритија допрва доаѓаат.
Интервјуто го водеше Игор Ефтимовски