Скопско лето – 36-то издание
— 3 јули, 2015Годинешното 36-то издание на Скопско лето го означија два настана. Во Македонската опера и балет беше изведен балетот „Заспани убавици„ според романот на Јасунари Кавабата. Кореограф и автор на сценската идеја е Саша Ефтимова, костимограф е Александар Ношпал, додека музиката е искористена од повеќе автори. Изложбата на ликовната колонија Галичник, „Просторна екстензија на уметноста“ ги претстави делата продуцирани на последни три сесии 2012/2013/2014, исто така во духот на новите медиуми. Со оваа изложба се одбележува четврт век постоење на оваа меѓународно призната визуелна работилница на светската уметничка мапа.
Во рамки на културната манифестација Скопско лето вечерва во Културно-информативниот центар (КИЦ) ќе биде отворена изложбата „Фемина 8“, а во Музејот на Град Скопје концерт ќе одржи италијанскиот пијанист Маурицио Анунциата.
„Она што го означува Скопско лето се епитетите за најобемна, најразновидна, најдолготрајна и по многу компетентни оценки една од најквалитетните културни манифестации од меѓународен карактер што се одржуваат во Република Македонија. Потврда на своето реноме манифестацијата обезбедува и надвор од границите на Македонија верификувано со членството во Меѓународната асоцијација на фестивали и асоцијации – ИФЕА. Почетно поставената замисла во 1980 година, кога првпат се одржа оваа манифестација, за обезбедување непрекинато културно живеење во текот на летните месеци евулуираше во оформување на Скопско лето во “сезона вон сезоната”. Концепцијата на манифестацијата која опфаќа музички концерти, оперски, балетски и драмски претстави, ликовни и фото изложби, филмска програма, перформанси и мултимедијални проекти, заедно со сопствената продукција на проекти и бројните гостувања од странство Скопско лето го претвораат во единствено и неповторливо културно доживување.
Домашните творци кои ги удрија темелите на Скопско лето денес претставуваат основа која ја овозможува квалитетната надградба на програмата со гостите од странство чиј број од година во година е се поголем и во последните неколку години од просечно шеесетина програми кои се реализираат во рамките на манифестацијата најмалку половината се со меѓународна димензија.Така Скопје секогаш останува отворен град за духовно богатите, за творците, за уметниците од сите светски меридијани.Скопје како отворен град за културата и уметноста беше домаќин на гостите од целиот свет, како од соседните земји: Албанија, Бугарија, Грција, Србија и Црна Гора, така и од поширокиот европски регион: Хрватска, Словенија, Турција, Австрија, Германија, Франција, Велика Британија, Русија, Финска, Шведска, Данска, безмалку од сите европски држави, но и од прекуокеанските земји САД, Канада, Австралија, Венецуела, Аргентина, Малезија, како и од Јапонија, Индија, Иран, Алжир, Египет и други. Секоја година почнувајќи од 21 јуни, првиот ден на летото и “Свет скиот ден на музиката” се креваат завесите на триесетина различни локалитети – сцени, на Скопско лето. Се до 31 јули, кога завршува манифестацијата, во ритамот на духовноста пулсираат отворените сцени на Скопската тврдина, Старата чаршија, Куршумли ан, Сули ан, Кејот на Вардар, Градскиот парк, салоните на скопските театри и ликовните галерии.“ Околу 2000 учесници ги привлекуваат во гледалиштата скопјани, гостите на Скопје, сите оние кои моментално живеат и работат во главниот град на Македонија или се само на пропатување. – Дирекија за култура и уметност.