Пронајдена уште една мермерна статуа во Стибера
— 25 јуни, 2015На локалитетот Стибера е пронајдена мермерна статуа во природна големина, без глава, изработена со високостилизирани елементи. Префинетата изработка на статуата во наметка со свиток во едната рака потврдува дека е посветена на некој значаен граѓанин на „Стибера“. По откривањето следува процесот на конзервација и чистење на статуата, а потоа најверојатно ќе биде изложена во археолошката поставка на прилепскиот музеј.
Античкиот локалитет „Стибера“ е најголемото наоѓалиште на антички мермерни статуи. Во ископувањата на овој антички град се откриени најмногу антички скулптури, сочувани во целост. Годинава, на овој локалитет се истражуваат градбите за кои се претпоставува дека станува збор за собранието на градот Стибера. Пронајдена е и камена плоча на која пишува дека Собранието на Стибера му дава почест на заслужен граѓанин на Стибера. Градбата е монументална, широка 17 метри. Се уште нема друга потврда за Собранието, но статуата е репрезентативно откритие. Овој древен град бил центар на македонските кралеви кои се бореле со Илирите. Стибера, или како што ја нарекуваат археолозите, Македонска Помпеја, е еден од најголемите антички градови во Македонија и еден од најатрактивните антички градски населби. Сите архитектонски градби во овој локалитет зборуваат за економската благосостојба и моќта на жителите на овој град, како и важноста и угледот што градот го имал во периодот на неговото постоење.