Култура

Мохсен Макмалбаф: Не умирам за филмот, туку за човечкото суштество

Емигрант, поранешен политички работник, револуционер, активист за човекови права, контроверзен автор кој живее во прогонство веќе десет години, но продолжува со своите филмови да се обидува да го промени светот. Великанот на иранскиот и светскиот филм Мохсен Макмалбаф дојде на „Скопскиот филмски фестивал“ и ги одушеви сите со својата верба и срдечност. Со филмот „Претседател“ повторно ги вознемири духовите, со претходниот „Градинар“ го прекина бојкотот кон Израел за што беше жестоко напаѓан, а така беше и со другите филмови со кои ги урива табуата и ги предвидува настаните, како „Кандахар“, „Тест на демократијата“, „Момент на невиност“, „Бојкот“…

Вашите филмови се огледало на актуелните состојби во општеството, но интересно е дека кога ќе се осврнеме на целокупниот Ваш опус, се забележува дека некои работи се повторуваат и тоа во речиси спротивна насока од претходно, како кога станува збор за диктатурата, религијата, одговорноста. Факт е дека работите умеат да бидат непредвидливи, па дури и спротивни од очекуваното, дали Вие понекогаш сте изненадени од нивниот развој!?

Можам да кажам дека јас сум Иранец, но моите филмови се прикажуваат низ целиот свет. Во Иран имаше два големи периода, пред и по револуцијата. Пред револуцијата имавме модерно општество, ама не толку слободно. Впрочем, што е слободата? Во самиот термин на религијата нејзиниот секуларизам содржи слобода, во терминот либерализам се развива слободата, дали приватниот живот развива слобода? Но, во областа на политиката ние не бевме слободни. Кога се боревме за демократија имавме надеж, но кога се случи револуцијата ние не најдовме демократија и го изгубивме и секуларизмот и либерализмот, исто така. Тоа беше голем дел од нашата историја.

mohsen-2

Што се случи по револуцијата?

Дури и по револуцијата сите години не беа исти, неколку години беше подобро, неколку години полошо. Пред да дојде на власт Ахмадинеџад осум години беше златно време. Журнализмот беше многу критичен, имавме различни движења, за ослободување на земјата, студентско движење, уметничко движење. Но, со доаѓањето на Ахмадинеџад беше како во времето на Сталин. Дел од мојот филм „Претседателот“ се однесува на тие услови, ако знаете што се случуваше тогаш во Иран, вие ќе го разберете дебаклот во мојот филм. Секогаш се обидувам да најдам услови, а не да ги следам. Дури и ако ги погледнете моите поетични филмови, како „Габех“, ќе најдете борба во нив, затоа што темнината беше многу присутна во обичаите на иранскиот народ, но нам ни требаше боја. Затоа го направив „Габех“ и направив револуција на екранот, сите беа шокирани од смесата на тие бои, бидејќи бојата има контрола во универзумот.

Често Вашите филмови се во различни жанрови, но она што е видливо во нив е Вашата мисија…!?

Лично не сум човек кој оди по мал тесен пат. Јас сум во пустината, дел сум од големото пространство, па затоа правам реалистични и надреалистични филмови, правам филмови за општеството, за класите, за љубовта, за гледањето на работите од различни агли. „Габех“ и „Салам синема“ се сосем различни иако ги направив во период од една година, ако не ме знаете ќе мислите дека ги направил различен режисер. Точно е дека преку нив секогаш се обидувам да изменам нешто во сфаќањето на публиката, се обидувам да ставам светлина во темнината во мислите на иранскиот народ. Но, и не само во Иран, туку интернационално. Го сакам филмот, но не умирам за филмот, туку за човечкото суштество. Филмот е само алат, понекогаш моите филмови се како огледало, можам во нив да зборувам за општеството, да го критикувам, да го покажам, да го сменам.

Но, Вие работите во многу различни земји, Вашите филмови потекнуваат од дури 11 земји. Како успевате сето тоа да го вклопите?

Она што е универзално е дека во моите филмови сакам да има надеж. Да, јас не сум само ирански автор, сум снимал филмови во Авганистан, Таџикистан, Грузија, Пакистан, Турција, Индија, Велика Британија, Австралија, Израел, дури и Италија. Правам филмови за луѓето насекаде, верувам дека сум роден на оваа планета, не во Македонија или во Иран. Политиката, религијата, јазикот не делат нас, уметноста, чистиот филм и можат да не обединат како човечки суштества, а не како армија. Тоа е мојот поглед на нештата, на моите филмови и на мојата работа. Исто така пишувам и книги, а имам и многу добротворни проекти како активист за човекови права. Сето тоа е споено заедно. Сакам со филмот да го менувам светот, бидејќи светот не е доволно добар. Кога го гледам светот сфаќам дека не сум доволно голем за да го сменам, но доволно е да го сменам мојот свет, околината околу мене, малку овде, малку онде.

Вие потекнувате од религиозно семејство и во почетокот ги поддржувавте верските револуционери, но сега на религијата гледате сосем поинаку!

Бев политички затвореник пет години. Пред тоа посакував да се намали диктатурата во мојата земја, верував во сите опозиции. Кога отидов во затвор видов дека дури и меѓу политичките затвореници има диктатори, во самиот затвор. Тоа не е прашање на демократија, не е прашање на слобода, не е прашање на моќ, многу од нас се бореа за другите придобивки. Ги покажав тие работи, само неколкумина ги контролираа другите политички затвореници и тие истите луѓе подоцна ја добија моќта. Во „Салам синема“ зборувам за тоа. Таму настапувам како диктатор и ако го гледате филмот, ќе видите зошто. Немате претстава колку луѓето брзо го прифатија тоа, колку брзо се однесуваа како диктатори. Тоа е природата на луѓето. А што е демократија? Тоа е дијалог, а не монолог. Не донесувам решение за тебе, ти би требало да го направиш тоа. Ни треба култура околу демократијата, сиот мој живот замина кон тој сон, за слобода, за правдина, за култура, за човечката моралност.

Во Вашиот филм „Градинар“ зборувате за религијата која може да го уништи светот, за тоа дека религиите предизвикуваат омраза. Какво е Вашето мислење за религијата сега?

Кога се случи Иранската револуција ние бевме меѓу повеќето луѓе во Иран кои сакаа исламска република. Верувавме дека религиозните луѓе се морални личности, дека тие не сакаат бенефити, дека без размислување би отишле да им помогнат на другите. Но, по само една година видовме промени. Од година в година станувавме се’ полути и поизненадени, тоа не беа работите што ни ги ветија. Многу луѓе страдаа поради тој сон, беа во затвори, умреа. Сонот се смени, наместо да ја ослободат државата, ја ставија во затвор. Почнав да се борам преку моите филмови, верував дека религијата има смисла, таа беше нашиот воздух. Но, денеска она во што веруваме ни дава омраза, се убиваме едни со други. Во филмот разговарам со мојот син за тоа каква улога има религијата, дали не тера во мир или во омраза. Го направив тој филм за да фрлам светлина на работите од кои се плашам.

Поради Вашето одење во Израел со тој филм, кој е таму и снимен, Ве осудија иранските филмаџии, а Вашите награди беа трнати од Музејот на филм во Техеран. Тоа беше уривање на едно политичко табу, бидејќи од Иран не отишол никој во Израел од 1970-тите години наваму!?

Има многу политички, морални, религиозни табуа. Знам која е улогата на религијата, како 14-годишник имав нож в рака и бев подготвен да умрам за мојата религија. Нападнав полицаец, а во мојот мозок беше само моќта на религијата. Тоа сакам сега да го кажам, дека треба ра размислиме уште еднаш. Сакам да зборуваме пред да биде полошо. Во мојот филм „Време на невиност“ го имаме Че Гевара и Ганди. Че Гевара бил религиозен, а бил и комунист. Ганди има поинаков стил, поинаква борба.

Господине Макмалбаф Ви испраќаа терористи да Ве убијат, се обидоа да Ве отрујат. Дали понекогаш се плашите за Вашиот живот?

Се плашам, но не многу. Па што и ако умрам. Ако се плашам ќе се плашам од се’. Дојдени сме од природата ќе се вратиме таму. Што ако некој мисли дека го гледам лошо? Не сакам да се грижам за тоа, се грижам за судбината, за човечкото достоинство, не се грижам за критиките, треба да си верувам на себе, дека тоа што го правам е придобивка за луѓето, за мојата душа.

Вашата борба за правата на жените и за нивната еднаквост со мажот е импресивна, со оглед на тоа од каде доаѓате!

Токму животот ме научи на тоа. Знаете, мојата мајка се омажила на 9 години, мојата сестра беше омажена на 12 години. Го гледав нивното страдање, видов колку ги мразеа своите мажи и се разведоа. Сите сме родени на оваа планета и верувам дека сите сме еднакви. Сакав на моите деца да им дадам поинакви можности да се најдат себеси, не сакав да живеат под таква пресија. Мојата ќерка Самира на 14 години дојде дома и рече дека попрво би се убила отколку да оди во исламско училиште. Почнавме да ја подучуваме дома и така почна работата со нашата Филмска школа.

Филмот е универзитет за луѓето во сиромашните земји

Потребни ни се добри филмови кои ќе ги едуцираат луѓето во светот. Не може секој да оди на универзитет. Филмот е универзитет за луѓето во сиромашните земји. Кога некој ќе умре поради политичко насилство, тоа станува моја работа. Не можам да кажам јас сум уметник, кога луѓето се убиваат едни со други. Едноставно, зборувам во името на сите луѓе кои протестираат и умираат на улиците во Иран.

Текстот е преземен од „Утрински весник“

Слични статии