Мајски оперски вечери ќе се отворат со „Магбет“
— 9 мај, 2015Со изведбата на операта „Магбет“ од Ѓузепе Верди во режија на Марко Спада и под диригентство на Џанлука Мартиненги, вечерва во Скопје ќе бидат отворени 43. Мајски оперски вечери.
Првенката на Македонската опера, Весна Илкова –Гиновска, ќе ја толкува улогата на Леди Магбет. Според Илкова-Гиновска, оваа улога е предизвик за секој сопран да ја има во неговиот репертоар. Во улогата на Магбет ќе го видиме нашиот баритон Борис Трајанов, кој на овие Мајски оперски вечери ќе настапи во две улоги. Во останатите улоги ќе настапат, Марјан Николовски, Марина Владимирова, Владимир Саздовски, Илија Белистојаноски, Ѓорѓи Цуцковски.
Директорот на Македонската опера и балет Дејан Прошев истакна дека и оваа година ја задржуваат тенденцијата на овој фестивал на операта да донесат што поквалитетни гости кои ќе приредат врвни уметнички креации. Оваа година доминираат гости од Италија, лулката на операта, а ќе настапат и и ѕвездите на Болјшој театарот, Нина Капсова и Берт Јон Овсаренко во балетската класика „Лебедово Езеро“. Скопската публика ќе има можност да ја слушне познатата оперска пејачка Даниела Дива. Останатите гости-учесници ќе пристигнат од Србија, Бугарија, Украина, Индонезија.
Во рамки на 43. Мајски оперски вечери ќе бидат изведени и „Травијата“ од Верди, „Адријана Лекуврер“ од Франческо Чилеа, „Симон Вуканегра“ од Верди, а ќе бидат затворени традиционално со Вердиевата „Аида“. Оваа година се враќа традицијата да биде запален фестивалскиот оган, а тоа ќе го стори примадоната на МОБ Милка Ефтимова. Манифестацијата е финансиски поддржана од Министерството за култура на Македонија и голем број спонзори.